10 дена низ Македонија
Неверојатно искуство, Македонија не Ве остава рамнодушни, емоции и историја на секој чекор
ДЕН | ДЕСТИНАЦИЈА | ВРЕМЕТРАЕЊЕ | ЦЕНА |
---|---|---|---|
Ден 1 | Скопје | 10 дена | 375 € |
Ден 2 | Матка | ||
Ден 3 | Тетово | ||
Ден 4 | Маврово | ||
Ден 5 | Струга | ||
Ден 6 | Охрид | ||
Ден 7 | Битола | ||
Ден 8 | Крушево | ||
Ден 9 | Дојран | ||
Ден 10 | Берово |
1 ДЕН – СКОПЈЕ
Разглед на Скопје: стариот и новиот дел на градот, Камениот мост, црквата Св. Спас со иконостасот со прекрасната резба, делото на познатите мијачки резбари Петре Филиповски и Макарие Фрчковски, Мустафа пашината џамија, Скопското Кале, Куќата на Мајка Тереза…
Црквата Свети Спас е изградена во почетокот на 17 или 18 век, врз темелите на постара црква. На јужната страна, откриени се остатоци од фрески од претходната црква, која потекнува од 16 век.
Штом ќе влезете во црквата, погледот на иконостасот ви го одзема здивот.
Нејзиниот иконостас е уметничко ремек дело изработен во периодот од 1819 до 1824 во длабока резба во ореово дрво на кој се претставени библиски сцени, геометриски орнаменти и елементи од флората и фауната на Македонија. Во некои од композициите ликовите се дадени во национални носии. Иконостасот е дело на мијачката копаничарска тајфа на Петре Филиповски Гарката и Маракие Фрчковски.
2 ДЕН – МАТКА И МАНАСТИРИ ВО ОКОЛИНАТА НА СКОПЈЕ
Возење покрај рекреативниот центар Треска, каноњот Треска до манастирот и црквата Успение на Пресвета Богородица. Пешачење до езерото Матка и црквата Св Андреј (14-ти век), исто така, црквата Св. Никола Шишевски. Посета на манастирот и истоимената манастирска црква Свети Пантелејмон, во подножјето на планината Водно.
На јужните падини на планината Водно, во костенова шума на 8км од Скопје, во селото Горно Нерези, поставен на една издадена тераса, се наоѓа еден од најзначајните културно-историски споменици кој, ги надминува границите на нашата земја. Комплексот е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат манастирската црква и конаците.
Манастирот и црквата биле изградени за време на владеењето на Комнените, од страна на принцот Алексеј (син на Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј I Комнен и Ангел Константин). Годината на градење и живописување на црквата, како што се чита во записот на мермерната плоча поставена над влезната врата, е 1164 година. Фреските датираат од времето на изградбата на црквата, но има и други од 15-ти, 16-ти и 19-от век.
3 ДЕН – ТЕТОВО И КИЧЕВО
Разглед на Тетово и познатата Шарена џамија. Разгледување на манастирот Света Богородица-Пречиста во Кичево.
Во стариот дел од градот Тетово, на десниот брег од реката Пена, се издига Шарената џамија, позната со својата единствена убавина во исламската уметност, изградена во 1675 година од страна на Хуршиде Ханума, ќерката на некој паша во овој период.
Манастирот посветен на Св. Богородица – Пречиста или попозната како Кичевска претставува духовен центар на Кичево и регионот. Словенската писменост, насадена со мисионерската дејност на Св. Климент и Св. Наум Охридски, не престанала да се практикува дури и во периодот на укинување на афтокефалноста на Охридската архиепископија во 1767 година. Манастирот стекнал углед и надвор од границите на Охридската архиепископија и одржувал постојана кореспонденција со голем круг световни и црковни лица, и манастири на Света Гора. Заедно со Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ претставуваат центри на преродбата.
Во него престојувале и духовно се изградувале македонските преродбеници Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Партеније Зографски и други. Г.Г. Доситеј, првиот македонски архиепископ на возобновената древна Охридска Архиепископија, својата монашка одежда ја облекол токму во манастирските ќелии на Св. Богородица Пречиста во 1924 година.
4 ДЕН – МАВРОВО, ГАЛИЧНИК И СВ. ЈОВАН БИГОРСКИ
Посета на Националниот парк Маврово – познатиот ски центар и Мавровското езеро. Овој природен резерват на своите посeтители им открива природа која изоблиува со со природно-географски богатства: кањони, планини, езера, густи шуми и вегетација ишарана со безброј реки и потоци со брзаци, водопади и кристално бистра вода кои го збогатуваат овој и онака исполнет предел со разновиден природен и животински свет. Галичник – типично македонско село со долга традиција. Возење по долината на реката Радика. Посета на црквата и манастирот Св. Јован Бигорски, најголемиот споменик на културата во регионот, изграден во 1020 г.
Прекрасниот иконостас од ореово дрво, направен во периодот 1830-1840 год, создаден е од рацете на истите мијачки копаничари, кои го направиле и иконостасот во црквата Свети Спас во Скопје – Петре Филиповски Гарката и Макарие Фрчковски.
5 ДЕН – СТРУГА
Разглед на Струга – градот на поезијата и родно место на Браќата Миладиновци. Посета на црквата Св. Богородица во Калишта. Посета на црквата Св. Еразмо. Која се наоѓа покрај патот кон Охрид.
Св. Богородица – Калишта е мала црква на западниот брег на Охридското Езеро – фрескоживописана во 15-16-ти век.
Пештерската црква Св. Еразмо – Постојат бројни пештерски цркви во околината на Охрид.
Истражувањата покажале дека пештерата лоцирана на околу 2 километри од Охрид (од десната страна на автопатот Струга – Охрид) е првата пештера која била употребена како монашка келија или црква. Во текот на својата долга историја оваа пештерна црква е реконструирана многу пати, но фреските насликани на карпата се зачувани до денес. Врз основа на портретите се проценува дека тие потекнуваат од првите децении на XIII век. Името на зограф кој ја украсувал црквата не е познат. Се претпоставува дека црквата и конаците се користени од монаси или мали манастирски братства. Црквата е посветена на Свети Еразмо, чие име е поврзано со христијанизацијата на месното население во III век.
6 ДЕН – ОХРИД
Патот продолжува до македонскиот Ерусалим, градот Охрид. Разглед на стариот дел на градот познат по впечатливата архитектура, тврдината на цар Самуил, црквата Св. Софија, црквата Св. Канео, Плаошник, Билјанините извори…. Посета на црквата манастирот Св. Наум и црквата Св. Заум …
Црквата Света Софија е една од најголемите средновековни цркви во овој регион. Долго време таа била соборен храм (Голема црква) на Охридската архиепископиjа, која се протегала до реката Дунав на север, до албанскиот приморски брег на запад, и заливот на Солун кон исток. Црквата веројатно била користена уште во минатото, во периодот на цар Самуил, кој кон крајот на X век го преселува престолот од Преспа во Охрид. Датумот на изградба на црквата не е познат, бидејќи не постојат записи кои би помогнале да се открие тоа. Се споменува дека денешната црква била изградена или реставрирани во периодот на архиепископот Лав, во периодот меѓу 1035-1056.
Лоцирана на југозападната страна покрај Охридското Езеро, се наоѓа црквата посветена на Св. Јован Богослов – Канео. Не се знае со сигурност кога е изградена и фреско живописана. Постојат документи, кои укажуваат дека била изградена пред 1447 година. Архитектурата на црквата спаѓа во средновековни споменици на културата.
Манастирот Свети Наум се наоѓа на југоисточната страна од Охридското Езеро, во непосредна близина на македонско-албанската граница. Неговата изградба е поврзана со името на Свети Наум, најблизок соработник на Свети Климент Охридски. Записи за животот и делото на Свети Наум може да се најдат во повеќе литературни дела посветени на неговиот живот. Кон крајот на својот живот Свети Наум Охридски го гради манастирот Свети Архангел, каде што бил погребан во 910 година. Црквата на Свети Наум е изградена во тролисна форма.
7 ДЕН – ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО И БИТОЛА
Патот не води преку планината Галичица (еден од трите национални паркови во Македонија), од каде што се пружа величествен поглед кон двете езера ( Охридското и Преспанското Езеро ), возејќи крај летниот ресорт и летувалиштето Отешево. Посета на црквата Св Ѓорѓи во Курбиново . Разглед на Битола и и археолошкиот локалитет Хераклеја. Прошетка во Националниот парк Пелистер…
Античкиот град Хераклеа Линкестис крај Битола, претставува еден од најважните градови во Античка Македонија. Некогаш градот со истоименото име се наоѓал на падините на Баба крај Сива вода. Неговото основање (средината на 4-ти век п.н.е.) е поврзана со древномакедонскиот владетел Филип II. Најголемиот развој го достигнува за време на старогрчкиот , римскиот и ранохристијанскиот период. Исто така се чувствува влијанието на Рим , Сирија и Александрија. Денес Хераклеја е позната по своите подни мозаици. Овие мозаици датираат од 4 -тиот век. Мотивите на мозаиците се различни: плодни дрвја и лози, пауни, фонтани, елени , птици, цвеќиња… Претставени се привлечни и живи сцени, кои симболично го претставуваат рајот, со цел да се пренесе христијанската порака и учењето на Христос.
8 ДЕН – КРУШЕВО, МАНАСТИР ТРЕСКАВЕЦ И ПРИЛЕП
Разглед на Крушево градот-музеј, воздушна бања, ски центар… Познат по неговата впечатлива архитектура. “Крушевската куќа”, благодарение на својата архитектура, уникатна на овие простори, плени со својата архаична привлечност, што го стоплува срцето . Посета на манастирот Трескавец. Разглед на Прилеп, градот под Марковите Кули.
На околу 10 км. од Прилеп, во прегратките на масивните карпи на врвот Златоврв, се наоѓа црквата “Успение на пресвета Богородица”, која заедно со конаците и трпезаријата на манастирот Трескавец, зрачи со Божја енергија и духовно спокојство во овој прекрасен сликовит регион. Планинските врвови нудат јасен поглед на цела Пелагонија, на планините Пелистер, Бабуна и Кајмакчалан.
Манастирот Трескавец се смета дека бил изградена во 13 век, за време на владеењето на византиските цареви Андроник II и Михаило III, кои според пишувањата на фреските на влезот портата, биле првите донатори на овој манастир. Неговата сложена и разнообразна архитектоника укажува на фактот дека манастирот бил подложен на уривање. Најверојатно, манастирот бил обновен во 14 век, за време на владеење на српскиот крал Милутин. Црквата во основата е еднокорабна, со наос надвишен со купола и разделен со пиластри на неколку краеви. Однадвор олтарната апсида, на исток е тристрана. Под длабокиот слој малтерисани ѕидови од северниот параклис, видливи се фрески што датираат од XIV-ти век. Од овој век е и припратата со двете куполести кули, сместени на западниот дел на црквата.
Манастирот Трескавец, има и други вредни артефакти. Највпечатлива меѓу нив се оние направени во плитка резба: двокрилната врата изработена во плитка резба, украсена со фигурални и геометриски форми, дело на прочуените резбари од Слепчанската резбарска школа, која со својата тематска и естетска композиција навистина одушевува, царските врати на иконостасот кои датираат од 16 век, Големиот Крст на космитисот од 17 век. Вреди да се споменат и фрески што се настанати кон крајот на XVвек, каде се јавуваат фигури на светци во стоечка положба предадени во природна големина, облечени во благороднички дреи и со раскошни капи на главите. Впечатливи се и фреските настанати од рацете на крушевската зографска тајфа од XIX век.
9 ДЕН – КАВАДАРЦИ, НЕГОТИНО, ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО, СТРУМИЦА, СМОЛАРСКИ ВОДОПАДИ, МАНАСТИРИ ВЕЉУСА И ВОДОЧА
Разглед на Кавадарци и Неготино (плантажи од лозови насади), Дојранско Езеро, Смоларските водопади, MМанастир Св. Леонтиј (Водоча) од 1018 г. и манастирот во Велјуса.
Вељуса – манастир на Пресвета Богородица Елеуса.
Изворни историски податоци за изградбата на црквата и за нејзин ктитор, епископот Мануил, како и за поредокот на духовниот и воопшто за секојдневниот соборен живот на првите монаси, наоѓаме и во Типикот напишан лично од него меѓу 1085 и 1106 година. Ова е еден од најстарите познати типици во историјата на православното монаштво, кој што сведочи за илјада годишната монашка традиција во Македонија.
Таа била изградена во 1080 година, и од тогаш датираат и нартексот и јужниот параклис. Во доста оштетениот фрескопис, се разликуваат фрески кои настанале во два периода.
10 ДЕН – БЕРОВО, ДЕЛЧЕВО, КРИВА ПАЛАНКА И МАНАСТИР СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ
азглед на Берово, Делчево – регионот на здрава храна, опкружена со богата шумска вегетација, планински реки и многу други природни убавини … Посета на манастирот Св. Јоаким Осоговски во близина на Крива Паланка.
Во житието на Св. Јоаким Осоговски, чијшто најстар препис датира од XV век, се вели дека историјата на манастирот започнува во 12 век, за време на владеењето на византискиот император Манојло Комнен (1143 – 1180). Манастирот го основал свештеник по име Теодор, родум од Овчеполско, кој, откако неговата сопруга починала, се замонашил и го добил монашкото име Теофан. Тој бил избран за прв игумен на братството. Светителот на сон му го открил местото на своите свети мошти. Сето тоа отец Теофан го извршил со беспрекорно послушание, и браќата со свечена литија ги пренеле моштите на Преподобниот во манастирот.
Манастирот бил наречен Сарандопор , според областа каде што бил изграден, чие име во превод значи четириесет долови, а бил посветен на пустиножителот и испосникот Свети Јоаким Осоговски, кој го поминал својот подвижнички живот во една пештера, која се наоѓала во близината на месноста Бабин Дол.